Граѓаните добија увид во Буџетот на РМ преку веб-платформа
Буџетот на Република Македонија станува уште подостапен до граѓаните преку веб-платформата изработена од победниците на ФинХакатонот. Како што беше истакнато денеска на прес-конференција во Министерството за финансии, граѓаните ќе ги дели само еден клик до сите информации за приходите и расходите во буџетот. На овој начин буџетот ќе им стане подостапен на граѓаните.
– Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко. Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење-рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Како што истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, Финхакатонот овозможил младите луѓе да влијаат врз транспарентноста и ефикасноста на една комплексна јавна институција како Министерството за финансии.
-Преку вакви иницијативи сакаме преку практична примена на иновации во јавниот сектор да имаме отворени и транспарентни институции, а граѓаните да добијат поефикасна и поквалитетна услуга- рече Деспотовски.
Како што истакна претставничката на тимот кој ја изработи победничката веб-апликација на ФинХакатонот, Елена Андреева апликацијата треба да го направи буџетот разбирлив за сите. Апликацијата овозможува не само да се добијат бројки од буџетот, туку истовремено има и објаснувања за самите ставки, како и споредби со изминатите години со што се добива јасна слика за буџетот.
За Граѓанскиот буџет изработени се и едукативни видеа, кои на едноставен начин го објаснуваат истиот.
-Видеата се надополнуваат со веб-апликацијата и ја прават сликата уште појасна и поприемчива за целата јавност. Би сакал да истакнам дека она што е добро е што оваа апликација не се однесува само на еден Граѓански буџет, туку е платформа на која и во иднина може да се поставуваат податоци од новите буџети – рече Стефан Митески од тимот кој го изработи победничкото видео на ФинХакатонот.
Граѓанскиот буџет можете да го најдете на budget.finance.gov.mk.