Грчката полиција доцна синоќа се судри со групи маскирани лица во Атина, по завршувањето на протестниот марш за одбелужвањето на 45-годишнината од бунтот против воената хунта, пренесуваат грчките медиуми.
Маскирани лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели, дрва, камења, а палеа и канти за отпадоци. Специјалните полициски екипи возвратија со солзавец, шок бомби и топови со вода.
Масовниот протест од Политехничкиот факултет, кој е симбол на студентскиот бунт во 1973 година, до амбасадата на САД во Атина заврши мирно, но потоа следеа инциденти во атинската населба Ексархија, што важи за собиралиште на анархистите, но и населба каде се наоѓа Политехничкиот факултет. Во нередите демонстранти го запалија и американското знаме.
Во нередите кои траеа речиси 4 часа, уапсени се 19 лица, а неофицијално повредени се двајца полицајци.
Во маршот од Политехничкиот факултет до американската амбасада учествуваа и министри и пратеници од „Сириза“. Протести имаше и во Солун и Патра.