Германецот Александер Зверев за прв пат во својата кариера стигна до трофеј на еден Мастерс турнир. Тој вечерва во Лондон на завршниот Мастерс турнир за оваа сезона го победи првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ со 2:0 (6:4 и 6:3).
Германецот му се реваншираше на Србинот за поразот во рвиот круг од турнирот, кога Ѓоковиќ исто така славеше со 2:0. Ова беше прв пораз на најдобриот светски тенисер, кој не загуби ниту сет на претходните четири меча.
Финалето во „О2″ арената во Лондон траеше еден час и 21 минути.
Со 21 година и шест месеци, Зверев е најмладиот шампион на престижниот турнир во Лондон.
Воедно тој е третиот Германец кој го освоил трофејот по Борис Бекер и Михаел Штих.
Наградниот фонд на Мастерсот во Лондон изнесуваше 8,5 милиони долари.