Фото: Слободан Ѓуриќ
Повеќе илјади граѓани и покрај лошото време се собраа на протестот пред Собранието во организација на движењето „#Бојкотирам уставни промени”. Барањата на движењето „#Бојкотирам” се трајна заштита на името на Македонија, итно и безусловно запирање на процесот на уставни промени, почитување на домашното и меѓународното јавно право, распуштање на, како што велат, делегитимизираното Собрание, и распишување вонредни парламентарни избори и еднострано правно поништување на Преспански договор.
На протестот беа присутни членови на повеќе здруженија меѓу кои „Христијанско братство“, како и на партијата „Единствена Македонија“. Организатор на протестот е Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес, а меѓу говорниците беа Солза Грчева, отец Ивица и други. Организаторите претходно демантираа дека Јанко Бачев, Филип Петровски и други ним блиски организации се организатори. Бачев и Петровски беа во првите редови на протестот, па во еден момент Петровски се обиде да се качи на бината, но беше спречен од обезбедувањето по што се повлече.