Македонија нема склучено меѓудржавен договор за екстрадиција со Унгарија со кој би го побарала експремиерот Никола Греувски да ја издржи двегодишната затворска казна за набавката на „мерцедесот“. Од Министерството за правда за „Макфакс“ потврдија дека преку други правни акти ќе побараaт од унгарските власти Груевски да ѝ биде испорачан на Македонија.
Правните акти преку кои ќе се бара екстрадицијата на Груевски се Законот за меѓународна правна соработка во кривичната материја, Европската конвенција за екстрадиција од 1957 година и одредбите од Договорот меѓу СФРЈ и Народна република Унгарија за заемна правна помош од 1968 година.
На идентичен начин Македонија од Грција бараше екстрадиција на бегалците Горан Груејвски и Никола Бошковски, бидејќи со таа држава Македонија нема меѓудржавен договор за екстрадиција.
Македонија и Унгарија годинава потпишале договор за полициска соработка
Интересно е што Македонија и Унгарија годинава склучиле меѓувладин договор за полициска соработка. Договорот меѓу двете држави е потпишан на 20 март 2018 година во Будимпешта, Унгарија, а го ратификувало македонското Собрание во јуни годинава.
Зелено светло во ист ден за Законот (26 јуни) дале и комисијата за надворешна политика и законодавно-правната комисија. На пленарната седница кога се гласал Законот присутни биле 96 пратеници, од кои „за“ гласале 62 пратеници. Меѓу нив биле и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев и Драган Данев, како и Панчо Минов од ГРОМ како дел од коалицијата со опозициската партија.
Во изгласаниот закон пишува дека земјите ќе соработуваат меѓу другото и во полето на нелегалното поминување на границата. Но, договорот не се однесува на давање односно укажување меѓународна кривично-правна помош за кривични дела и екстрадиција.
Членот 3, пак, од договорот предвидува меѓудржавна соработка за нелегалната миграција, недозволеното преминување на лица преку државната граница, илегален престој на лица, непочитување на режимот на гранични проверки.
Законот предвидува Македонија и Унгарија да разменуваат класифицирани информации според Спогодбата меѓу двете држави за размена и заемна заштита на класифицирани информации, потпишан во јули 2014 година во Скопје.
Во меѓувреме бугарски „Фокус“ објави дека Груевски ја напуштил Унгарија и дека негова крајна цел се Русија или Турција.