Деветте комисии кои ќе одлучуваат за финансирање на националните проекти од културата по дејности, задутре ќе почнат да работат. За да не се повторат неправилностите и судирот на интереси при изборот на проекти од минатата година, што предизвика реакции и резултураше со повлекување на некои проекти, Министерството за култура назначи нови членови во речиси сите комисии и ги соопшти имињата на нивните претседатели. За да нема основани жалби, минисетрот Асаф Адеми ќе има и директен телефонски број на кој апликантите и секој заинтересиран ќе може да му се јави со сугестија или да укаже на некоја неправилност.
Комисијата за издавачка дејност ќе ја предводи Бертон Сулејмани, за фолклор, музичка и сценска уметност – Плеурат Гаши, за драмска дејност – Петар Арсовски, за интердисциплинарни дејности – Суат Камбери, Трајче Блажевски е претседател на комисијата за визуелна уметност, за недвижно културно наследство – Анета Серафимова, за музејска дејност и нематеријално културно наследство – Мила Шурбановска, за библиотечна дејност – Вилдане Идризи и за инвестиции – Џеладин Локмани.
Министерот Адеми на средба со новинарите денеска рече дека очекува добра соработка со претседателите и членовите на комисиите, верува во нивната стручност и дека ќе бидат чесни и ќе постапуваат по закон во одлучувањето кое, како што рече, ќе биде целосно транспарентно.
– Јас се потпирам на предлозите што ќе ги добијам од комисиите. Јас не сум Супермен што може да разгледа пет илјади апликации. Затоа имаме девет комисии, некои се тричлени, а некои каде што има поголем број апликации имаат пет члена. Уверен сум дека сите членови се професионалци и работата ќе ја завршат чесно и успешно. Очекувам на 28 јануари да имам предлози за добри проекти, за кои нема јас да мора да одлучам кои проекти ќе бидат финансиски поддржани од Министерството за култура во 2019 година, истакна Адеми.
Соопшти дека новина ќе биде неговата достапност на посебен телефонски број на кој ќе може да му се обратат апликантите и сите заинтересирани кои сметаат дека имаат корисни сугестии.
Сите што ќе почувствуваат дека некој ги злоупотребува, ќе може да ми пишат мене директно. Бројот ќе биде специјално само за овој случај и наскоро ќе биде објавен за и да можат да ме контактираат, рече Адеми.
Крајниот рок за објавување на предлозите што ќе добијат поддршка е 45 дена по донесувањето на Буџетот на РМ за 2019. Комисиите, рече, ќе работат од 21 ноември до 10 јануари, а од 11 јануари до 27 јануари да му достават предлог-решенија. Тие ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството. Заедно со името на проектот ќе биде објавено името на неговиот носител, финансиите што ги побарува апликантот и сумата со која Министерството одлучило да го поддржи.
Буџетот предвиден во секторот култура за 2019. Министерството за култура ќе го соопшти идната недела.