Буџетот кој власта го предлага за 2019 година е мегаломански, расипнички и дополнително ќе ги осиромаши граѓаните на Република Македонија, обвини на денешната прес-конфренција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Заев и СДСМ пред изборите ветуваа квалитетен образовен систем и најмодерни објекти, а сега во новиот мегаломански буџет за 2019 година предвидуваат помалку средства во клучните сегменти во образованието отколку што предвидуваа лани за буџет за 2018 година. Лицемерието на Заев и СДСМ кон учениците и студентите е јасно како ден. Заев и СДСМ немаат намера да го исполнат ветеното од пред изборите. Заев и СДСМ за 2019 година предвидуваат помалку пари за ученички и студентски стандард, наука, за изградба и реконструкција на студентски домови во однос на она што го предвидуваа лани ова време“, вели Арсовски.
Лани, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, за ученички стандард предвидуваа 6,7 милиони евра, а за наредната година сега предвидуваат 5,9 милиони евра или скоро 1 милион евра помалку.
СДСМ кратат во предвидувањата и за студентскиот стандард, за кој ветуваа дека ќе биде по европските примери рамо до рамо со европските студенти, изјави Арсовски и додава лани планираа 14 милиони евра, а за наредната година кратат во предвидувањата и планираат 12 милиони евра или за 2 милиони евра помалку испланирано во однос на минатата година за покренување на студентскиот стандард.
„СДСМ крати во однос на ланските проекции на Буџет и за изградба и реконструкција на студентските домови кои прокиснуваат секојдневно кога ќе заврне заради негрижата на власта. Во Буџетот за 2018 година планираа 4,4 милиони евра, а во проекциите за Буџетот за идната година предвидуваат само 3,9 милиони евра или половина милион евра помалку. Ако се земе предвид фактот дека лани ниту реконструираа ниту отпочнаа со изградба на ниту еден студентски дом, можете да замислите дека и оваа година нема да помрднат со прст и студентите повторно ќе живеат во истите лоши услови“, вели Арсовски.
Арсовски во својата изјава посочува дека за студентите немало пари за основните потреби, но затоа СДСМ предвидува 340 000 евра за купување нови возила за нивната администрација.