Основниот суд во Битола донесе пресуда против еден базен во градот поради директна дискриминација на еден Ром со тоа што не му дозволил влез на базенот во летото 2017 година поради неговата етничка припадност. Судот му нареди на базенот Довлеџик да ја прекине практиката за одбивање влез на базенот за Роми и исплата на оштета вовисина од 60.000 денари (977 евра) за Фикри Јашаров, 37-годишниот Ром кој го тужеше базенот со поддршка од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), соопшти здружението.
Обезбедувањето на базенот им кажало на Фикри и на уште еден Ром кој бил со него дека не можат да влезат на базенот бидејќи имале упатства да не пуштаат Роми. Истото лето, ЕЦПР организираше тестирање за дискриминација во кое беа вклучени шестмина Роми и четворица не-Роми, а подоцна резултатите од ова тестирање беа поднесени до судот како доказ. Притоа, на сите лица кои не се Роми им било дозволено да влезат на базенот, додека на сите Роми им бил забранет влез.
„Во исто време се почувствував и разочаран и понижен “, рече Фикри за инцидентот. Тој не бил изненаден од ставот на обезбедувањето поради „широко распространетата дискриминација во Битола против нас Ромите. Оваа пресуда вели дека ‘Ромите не смеат повеќе да бидат
дискриминирани’ и, се разбира, таа ќе има позитивен ефект за нас Ромите во Битола“.
ЕЦПР поведе нов случај пред судот во Битола со аргументи од тестирањето со кое се докажува дека базенот ја дискриминира целата ромска заедница во градот. Во моментов се чека судот да донесе пресуда во овој случај.
„Ширум Европа, на Ромите рутински не им се дозволува пристап до јавни простори, рече Ѓорѓе Јовановиќ, претседателот на ЕЦПР. „Речиси секој Ром со кој зборувате има исто искуство кога му било кажано дека не може да биде некаде поради неговата етничка припадност. Политиката ‘без Цигани’ многу често станува норма по пабови, паркови, болници, супермаркети, или базени, и еден од највидливите изрази на антициганизмот. Пресудите како оваа се важни за да се оспори расистичката идеја дека ние, Ромите, не припаѓаме во овие места“