Непознати лица утрово во 3.50 часот му го запалиле автомобилот на Кристијан Стефановски, сопственикот на „Прагма продукција“, која кај нас ги организира концертите на Анстасија, Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Жељко Јоксимовиќ, Саша Ковачевиќ, Марија Шерифовиќ и други.
Автомобилот со бугарски таблички „бмв“ во задниот дел е речиси целосно изгорен, потврди Стефановски за „Макфакс“, кој рече дека настанот го пријавил во полиција. Од МВР велат дека возилото било опожарено во близина на унгарската амбасада и додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Ме разбуди силен звук на пукање, слушав како се топеше и пукаше пластиката од автомобилот. Потоа дојде и сосетката да ми каже дека гори. Возилото е запалено со бензин, но не знам кој и зошто го направил тоа. Не се сомневам во никого, никој претходно не ми се заканувал“, ни изјави Стефановски.
Тој смета дека палењето на автомобилот е поврзано со неговата работа и се надева дека полицијата ќе ги најде виновниците.
„Во близина на мојот дом има поставено камери, можеби преку нив ќе откријат кој го полеа автомобилот со бензин и го запали. Јас не се плашам, но ова го потресе моето семејство“, додаде Стефановски.