Убедени сме, а тоа ќе се воспостави и во текот на постапката дека во комуникациите нема ништо што ги инкриминира овие обвинети за ова кривично дело. Апсолутно ниту еден збор, ниту една реченица не ги инкриминира. Ние ги знаеме овие разговори, во нив се секојдневни вообичаени комуникации помеѓу обвинетите. Овие материјали немаат никаква доказна вредност за предметот, рече адвокатот на обвинетите во случајот „Монструм“, Насер Рауфи по денешното рочиште на кое исказ даваа вештаци од дигиталната форензика при МВР.
Рауфи истакна дека Јавното обвинителство во првобитната постапка која се водеше за овој предмет воопшто и не побарало од информатичарите кои ја вештачеле интерната комуникција да кажат кога се обавени овие интернет комуникации што според него е од круцијално значење за самиот предмет.