Третото издание на КРИК – меѓународен фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, ќе биде отворено в среда, 21 ноември, во Музејот на современа уметност во Скопје.
КРИК годинава ќе ја обработува генералната тема: „АЛЕРТ! – пред портите на моќта очекувајте исклучување“. На програмата на фестивалот, која ќе се одвива во неколку делови до 19 декември, 2018 година, ќе има предавања, уметнички презентации, дискусии, работилници и филмови.
По свеченото отворање на фестивалот во среда на кое ќе се обрати уредувачкиот тим Искра Гешоска, Елена Вељанвска и Артан Садику, Маурицио Лазарато, италијански социолог, филозоф и активист, кој живее и работи во Париз, ќе одржи воведно предавање „Помеѓу политиките на задолжување и нео-фашистичкиот бран во светот“. Потоа, Пост глобал Трио ќе изведат музички перформанс, а вечерта ќе заврши со Дј-сет на Тони Димитров.