Стоилковски: Јанакиески и Божиновски не ги прекршиле одредените мерки за претпазливост, судството мора да се ослободи од спрегите и притисоците
Апелацискиот суд мора да се издигне над политичкиот притисок и нарачани притвори мотивирани само од политичкиот прогон кој што се спроведува врз опозицијата, а во насока на покривање на грешките на власта, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според сите правни аргументи, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, вели Стоилковски, за цело ова време додека траат политичките судења со ништо не ги прекршиле одредените мерки за претпазливост на судот. А периодот на изречени мерки не е кус, не е една недела, не е еден месец, се работи за цели 18 месеци, година ипол, период во кој двајцата ги почитуваат мерките, редовно се јавуваат во судот, редовно одат на судските рочишта, редовно се достапни за органите на прогонот, вели Стоилковски.
„Нека посочат и нарачателите, и барателите, но и судиите, дали Јанакиески и Божиновски во целост ги почитувале изречените мерки? Дали имало еден петок во кој што двајцата не се јавиле на суд? По година ипол редовно исполнување на обврските, судиите во Апелација мора да ги земат предвид фактите, а не да ги потврдуваат одлуките кои се само и само во насока на Кацарска судот и партиските обвинителства, напишани од истиот центар, со кои се докажува политичката а не правосудната одлука за притвор“, изјави Стоилковски.
Во име на демократијата, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, судството мора да се ослободи од спрегите и притисоците на Зоран Заев и да работи врз база на аргументите, а аргументите велат дека ниту Јанакиески, ниту Божиновски имале намера да заминат и да ги напуштат своите семејства, изјави Стоилковски и додаде дека токму затоа судот мора да ги исправи направените грешки и да ги прифати аргументите на одбраната изнесени во жалбата за укинување на притворот.