Објектот на Албанскиот театар-Скопје, кој се реконструира пет години, до крајот на годинава ќе биде пуштен во употреба, а првата претстава се очекува во март 2019.
– Надзорот на градежните работи имаше нереални очекувања дека ќе биде во октомври или ноември, но јас бев уверен дека тоа не е можно. Очекувам тоа да биде до крајот на годинава и првата претстава да биде во март идната година, рече министерот за култура Асаф Адеми на средба со новинари.
Во однос на Анализата за реконструкцијата на театарот во која се утврдени нерегуларности, а која Министеството за култура ја објави во петокот на својата веб-страница, Адеми рече дека има предистражна постапка, не сакајќи да навлегува во детали зашто, рече, не е истражен орган.
– Одредено обвинителство веќе има предистражна постапка и сметам дека поради тоа нема потреба да се праќа на друго место. додаде Адеми. Ќе има консултации со правните служби и доколку има потреба ќе ја препратат до други институции иако, како што рече, анализата е јавно објавена и транспарентна.
Проектант на Албанскиот театар-Скопје е Мегарон-Инженеринг ДОО Скопје, а изведувач во првата година од реконструкцијата беше Ламоне Мореда од Италија, а од 2015 – италијанската фирма Шенција. Според договорите од проектната документација за изминатите четири години, реконструкцијата на стариот и негова адаптација во нов објект изнесува 9,1 милиони евра, нешто повеќе од еден милион евра колку што првично беа планирани.
Објектот, кој беше познат како Театар на народностите, по четири децении постоење почна да се реконструира на почетокот на 2014 година. Новиот објект ќе биде дом само на Албанскиот театар-Скопје, а Турскиот театар-Скопје ќе добие свој матичен театар за што, исто така, се гради објект во близина на Железничката станица.