Спасувачите кои трагаат по телата на жртвите во катастрофалниот пожар што го уништи градот Парадајс во северниот дел на Калифорнија, велат дека некои тела најверојатно никогаш нема да бидат пронајдени поради интензитетот на пожарот.
До неделата навечер беа пронајдени посмртните останки на 77 лица, за исчезнати се водат речиси 1.000 луѓе, а изгорени се 10.364 куќи.
Парадајс се наоѓа на околу 130 километри северно од Сакраменто, главниот град на Калифорнија.
„Од нас се бара да пребаруваме колку што можеме, но сепак е можно дека нема да најдеме некои од жртвите“, рекла Триш Моутард, волонтерка која со своето куче трагач учествува во пребарувањето. Таа објаснила дека силниот и долготраен пожар може толку да ги уништи човечките остатоци, така што ниту кучиња не би можеле да ги пронајдат.
Многумина кои се сметаат за исчезнати се постари лица. Едно од лицата има дури 101 година.
Градот Парадајс со 27.000 жители бил населен претежно од пензионери, а повеќето идентификувани жртви биле постари од 60 години.