Реформите во социјалната сфера, вклучени преку мерки во предлог Буџетот за 2019 година, обезбедуваат и унапредување на системот за социјална заштита, поголема социјална праведност, повеќе пари и кај најранливите граѓани, велат од владејачката партија СДСМ.
Како што наведуваат од таму, во 2019 ќе започне целосна реформа на системот за социјална заштита, кој, како што велат, извлекува од сиромаштија и нуди повеќе услуги за граѓаните, за што во Буџетот ќе се обезбедат дополнителни 2.2 милијарди денари.
„Преку воведување на гарантиран минимален приход и ‘семеен пакет на права’ се обезбедува значително поголема парична поддршка на социјално загорзените семејства. Примателите на социјална помош, добиваат и до 300 отсто зголемена помош. Истовремено, се олеснува пристапот до надоместокот на 24.000 домаќинства кои во моментот добиваат социјална помош, а се отвора можност да бидат опфатени и дополнителни 11.000 домаќинства. Повеќе од 60.000 деца добиваат детски и образовен додаток коишто ќе имаат за цел да извлекуваат од детска сиромаштија“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ додаваат дека ќе се спроведат и интензивни мерки за подготовка и активација на граѓаните од социјално ранливите категории на пазарот на трудот.