Заев: Пред македонското знаме во НАТО ќе стоиме гордо, договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија и јазик
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на покана на Главниот одбор на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија (СБНОАВРМ), како и на Градскиот одбор на град Скопје на СБНОАВРМ, учествуваше на дебатата што оваа организација редовно ја приредува на актуелни општествено-политички теми.
На дебатата, на која присуствуваа и делегации на повеќе општински одбори на организацијата, д-р Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија и проф. д-р Трајко Стаматовски, претседател на градскиот одбор на Сојузот, го поздравија присуството на премиерот Заев и изразија благодарност за поддршката што тој и Владата на РМ им ја посветуваат на борците и поддржувачите на борците од НОВ.
Премиерот Заев на почетокот истакна дека со огромно задоволство го прифаќа предлогот да биде покровител на државното одбележување на 75 годишнината од Првото заседание на АСНОМ во 2019 година, како и на 70 годишнината од основањето на Сојузот на борци од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија, која со пригодни настани ќе се одбележи идната година.
Посебно внимание на дебатата претседателот на Владата на РМ Зоран Заев посвети на актуелниот процес за уставни измени во Собранието на Република Македонија и на лажните вести и искривени толкувања кои манипулираа дека АСНОМ ќе се избрише од Уставот.
„Вистината е дека АСНОМ не само што не се брише во Преамбулата, туку напротив, АСНОМ сега ќе се спомнува два пати. Со предложениот амандман со делот за АСНОМ се појаснува дека во Преамбулата на Уставот отсега, наместо на манифестот, ќе се повикуваме на правните решенија кои се содржани во Прогласот на АСНОМ како каталог на правните решенија кои се темел на нашата државност. Со тоа, да подвлечам, местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција со новиот предложен амандман е потврдено и засилено“, информираше премиерот Заев на дебатата со борците од НОВ.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во продолжение на дебатата нагласи дека со Договорот од Преспа, Република Македонија се стекна со историска шанса за Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.
Договорот со Република Грција е Договор за македонската иднина и најдобра и фер шанса за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ, за да станеме членка на семејствата кои уживаат силен економски развој, рече премиерот Заев.
„Кога ќе стоиме пред јарболот на кое ќе се издига македонското знаме – ќе стоиме гордо, зашто со Договорот химната, грбот и знамето остануваат засекогаш, и зашто Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет, нашата територија, јазикот, народот со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство. Договорот го потврдува државјанството како македонско, сега и во иднина, засекогаш, а кодовите МК – МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови за нашата земја“, потенцираше премиерот Заев.
Договорот ни донесе охрабрување и инспирација за поголема доверба меѓу Република Македонија и Република Грција, за иницијативи кои ќе предизвикаат подобар животот за граѓаните на двете земји.
„Нашата поука од минатото, од вашето дело, од вашата борба е дека иднината е вистинскиот избор, и во таа чест мене ми е особено драго што јавната дебата за суштинските прашања за нашата земја се случува и со вас, претставниците на Сојузот на борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија на Република Македонија“, рече претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој остана во подолг разговор со учесниците на дебатата кои покажаа интерес и изнесоа свои погледи на повеќе теми од актуелниот политички момент на нашата земја.