Манијак уапсен кој сексуално злоупотребил над 300 момчиња во Норвешка
Според пишувањето на британскиот дневен весник „Гардијан“, 26-годишен Норвежанец е обвинет од тамошните власти за сексуални престапи во кои негови жртви биле над 300 момчиња, што претставува најголем случај од ваква природа во историјата на Норвешка.
Неименуваниот 26-годишник, кој наводно работел како фудбалски судија, во изминатите години преку интернет, најчесто со помош на платформата „Снепчет“, стапил во контакт со стотици момчиња, главно на возраст меѓу 13 и 16 години, а најмалиот од нив имал само 9 години. Во онлајн комуникацијата тој се претставувал како нивен врсник. Притоа успевал да ги наговори момчињата преку видео повик да се впуштат во сексуални активности што тој ги снимал. Потоа таквите снимки им ги испраќал и ги уценувал дека ќе ги објави на интернет, доколку не му праќаат нови видеа со сексуална содржина.
Полицијата во Осло по двегодишна истрага успеала да го лоцира осомничениот, при што на неговиот компјутер биле пронајдени дури 16.463 вакви снимки со момчиња од Норвешка, но и од Данска и Шведска. Дваесет и шестгодишникот е обвинет за сексуална злоупотреба, но во некои случаи и за силување, бидејќи неколку од неговите жртви ги уценил лично да се видат при што сексуално ги искористил.
Сето ова се случувало во периодот меѓу 2011 и 2016 година, а обвинетиот според изјавата на неговата адвокатка ги признал делата и изразил жалење. Судењето треба да се одржи на почетокот од следната година.