Светската фудбалска федерација (ФИФА) во последните неколку години е во процес на транзиција помеѓу старото и новото раководство а тоа донесе многу измени во начинот на работата, но и во правилата на фудбалот. Во наредните неколку години ФИФА ќе претрпи уште поголем број на измени, со цел да се подобри состојбата на „убавата игра“.
Со години ФИФА беше исмевана поради Сеп Блатер, нејзиниот претседател кој беше вмешан во голема шема на мито и корупција додека сите беа свесни за тоа. Блатер беше заменет со Џани Инфантино, кој веќе започна со применување на драстични реформи кои влијаат на квалитетот на фудбалот, но и на ФИФА како организација.
„Нема повеќе да постојат привилегирани и запоставени. Сега сите се еднакви“, изјави Инфантино кога првпат седна на претседателската фотелја во ФИФА.
Новото раководство на ФИФА е убедено дека ќе успее да ги исправи штетите кои му беа нанесени на фудбалот од страна на Сеп Блатер, но велат дека за тоа ќе биде потребно подолго време отколку што очекуваат фановите.
„Порано ФИФА вложуваше 360 милиони долари а сега вложува милијарда и 700 милиони долари. За тие пари е потребно да се работи. Секако, тие пари не се на ФИФА, туку се пари од фудбалот кои треба да се вратат во него. Контролата над нив е голема а мониторингот е постојан и сеприсутен. Морам и да напоменам дека кандидатурите за организација на СП 2026 беа разгледани според тоа која понуда е најдобра и не беше вмешано никакво политичко влијание“, вели Звонимир Бобан, главниот советник на Џани Инфантино.
Бобан вели дека вклучувањето на ВАР технологијата воопшто нема да влијае на убавината и суштината на фудбалот, туку дека таа е имплементирана за да се подобри фудбалската игра. Според него, беше само прашање на време кога технологијата ќе биде вмешана во фудбалот, бидејќи крајната цел на ВАР системот е да го подобри судењето и фер исходот на натпреварите.
„Ќе промениме неколку правила, но нема да ја измениме суштината на фудбалот. Правилата веќе се ставени на тестирање и ќе бидат презентирани наредната година. Првото од трите нови правила вели дека судијата може да го испрати играчот надвор од теренот покрај најблиската аут-линија за да се избегне одземањето на време. Така ќе имаме повеќе време за ефективна игра. Исто така, судијата ќе добие право да му покаже жолт картон на играч од клупата во било кое време од натпреварот, додека пак играчите ќе можат да ја примат топката во шеснаесетникот кога голманот изведува гол-аут“, образложи Бобан.