Бундестаг: Случајот Груевски „смрди“
Унгарија да не се претвора во продолжена рака на автократот Никола Груевски, а Македонија да разјасни дали бегството уследило по дозвола од тамошните власти, истакнуваат пратеници во германскиот Бундестаг на барање на Дојче веле да ја коментираат ситуацијата околу поранешниот македонмски премиер и неговиот азил во Унгарија.
Торстен Фрај, член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), која е дел од семејството на Европски народни партии како и партијата на Орбан, Фидес, непосредно пред да биде одобрен азилот за Груевски, вели дека од Унгарија очекува примена на еднакви критериуми за азил.
– Се разбира, многу е тешко од германска перспектива да се проценуваат постапките околу можниот азил кој Никоја Груевски го побара во Унгарија. Шпекулациите околу тоа и во Македонија се многу разнолики. Меѓутоа, во најмала рака очекувам ваква една постапка во Унгарија да се одвива според јасни принципи на владење на правото и да се применат еднакви мерки и критериуми, кои се вообичаени при постапката за азил таму, оцени Фрај.
Неговиот колега од Комисијата за надворешна политика, социјалдемократот Јосип Јуратовиќ, има многу поостра оценка за случувањата околу Груевски.
– Ако работата се погледне подобро, таа смрди до небо. „Системот Груевски“ се служи со демократски средства. И тоа е она што е навистина вознемирувачко во овој синџир на случувања – како демократски сомнителни сили злоупотребуваат демократски средства. Можам само да се надевам дека Унгарија во случајов постапувала еднакво како во случаите на сите останати баратели на азил. Случајот Груевски со тоа станува лакмус тест за веродостојноста на правната држава во Унгарија, вели Јуратовиќ.
Заменикот шеф на пратеничката група на Либералите во германскиот Парламент, Александер Граф Ламбсдорф, во чија надлежност се прашања од надворешната и безбедносната политика, оценува дека „Виктор Орбан, со својата одлука да му даде азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, го постави личното пријателство со поранешниот премиер над правосилната одлука“:
– Зашто, Груевски во Македонија беше осуден на две години затвор поради корупција. Истовремено во тек се други постапки поради изборни манипулации и илегално прислушување на македонските граѓани од страна на тајните служби на земјата. Никола Груевски, наместо да бара засолниште во Унгарија, треба да се соочи со овие обвинувања во законска постапка во Македонија. Однесувањето на Виктор Орбан е натамошна индиција за тоа дека унгарскиот премиер е наклонет кон низок степен на почитување на правната држава и кон толкување на правото на азил според сопствен маштап, вели Ламбсдорф.
Левицата во Бундестагот смета дека постапките во врска со бегството на Груевски се „исклучително чудни и загрижувачки“.
– Токму унгарската Влада штити правосилно осуден бегалец. Очигледно не се работи за азил за политички прогонувано лице. Тоа и натаму ја поткопува довербата во правната држава во Македонија, во Унгарија и пошироко. Меѓутоа, треба да се разјасни и дали бегството на Груевски уследило по дозвола на македонските власти, како што многумина во Скопје претпоставуваат, изјави Андреј Хунко, експерт за европска политика во Левицата.
Мануел Сарацин од Зелените, надлежен за прашања од политиката кон Источна Европа, од унгарската Влада очекува „да ја прифати судската одлука од Македонија и да не се претвора во продолжена рака на поранешниот автократски премиер“.
– Од една земја членка на ЕУ со право се очекува да придонесува за зајакнување на правната држава и демократијата во една земја кандидат за приклучување кон ЕУ. Тука, без сомнение, се вбројува и македонското расчистување со времето на владеење на Груевски, одбележано од корупција и самоволие, вели Сарацин за ДВ.