Турција ги обвини САД дека се обидуваат да го игнорираат убиството на новинар Џамал Кашоги, што се случи во саудискиот конзулат во Истанбул. Исто така, коментарите на претседателот, Доналд Трамп во врска со убиството на новинарот, турските власти ги оценија како комични, објави АП.
Трамп денеска во Белата куќа пред новинарите рече дека ќе продолжи да биде партнер на Саудиска Арабија.
И покрај тоа што изјави дека саудискиот принцот Мохамед бин Салман можеби знаел за планот за убиство на новинар, Трамп сепак посочи дека САД ќе остане сигурен партнер на Саудиска Арабија.
„Можеби тој знаел, можеби не”, изјави Трамп за новинарите запрашан дали мисли дека Мохамед бин Салман имал улога во убиството на новинарот Кашоги.
Неговите коментари се спротивни на извештајот на ЦИА, која верува дека убиството на Кашоги било директно наредено од самиот принц.
Заменик-претседателот на партијата Ердоган, Нуман Куртулмуш, ја отфрли изјавата на Трамп.
„Изјава на американскиот претседател е комична изјава”, рече тој за државната телевизија ТРТ Хабер.
„Не е можно во едно објаснување на агенција, како ЦИА, која ја знае дури и бојата на крзното на мачката што шета во дворот на конзулат на Саудиска Арабија, да не знае кој дал наредба за убиството. Тоа не е веродостојна изјава за јавноста на САД, исто така не е веродостојна нути за јавноста во целиот свет” додаде тој.
Саудиска Арабија и понатаму негира дека принцот дал наредби за убиството на новинарот Кашоги. По бројни контрадикторни верзии на настаните, минатата недела беше објавено дека Кашоги е убиен, а неговото тело уништено, откако во конзулатот не успеале да го убедат да се врати во Саудиска Арабија.
Кашоги беше критичар на власта во Саудиска Арабија, и пиуваше колумни за „Вашингтон пост“. Тој на 2 октомври влезе во саудискиот конзулт во Истанбул по документи за неговата свадба, но тој никогаш не излезе оттаму.
Од американскиот претседател Доналд Трамп претходно беше побарано да утврди дали саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман одиграл улога во убиството на Џамал Кашоги, пишува Би-би-си. А републиканците и демократите при Комитетот за надворешни односи во Сенатот на САД испратија писмо со барање за втората истрага.