Управата за извршување на санкциите ќе го промовира твининг проектот „Зајакнување на казнено – поправниот систем и пробациската служба”, кој започна да се реализира на 31.08.2018 година. Проектот се имплементира во соработка со Фондацијата за меѓународна правна соработка од Германија и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија, а во кој главен корисник е Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда.
Главната цел на овој проект е да ја унапреди ефективноста и ефикасноста на пенитенцијарниот систем и развој на ефективна и одржлива служба за пробација, почитувајќи ги човековите права и достоинството на лицата на кои се извршуваат пробациски мерки со цел нивна успешна ресоцијализација во заедницата.
Со помош на овој проект, ќе се зајакне системот на пробација преку подобрување на менаџментот и мониторингот над пробациската служба и на казнено-поправните и на воспитно-поправните установи, а ќе се развие и институционалната и организациската струкутра на пробациската служба.
Од овој проект се очекува да ја зајакнувa работата на пробациската служба и да поттикне изрекување на алтернативни мерки и санкции спрема сторителите на кривични дела. Сите институции и тела на системот за правда, како и општеството и јавната администрација ќе бидат сензибилизирани за алтернативни мерки за избегнување на затворската казна преку изрекување на алтернативна санкција.
Професионално и ефикасно организирана и управувана пробациска служба која ќе работи заедно со останатите структури на кривично-правниот систем и други релевантни институции и организации во делот на менаџирање на сторителите на кривични дела во заедницата за извршување на изречената санкција, а со цел опсервација, рехабилитација и реинтеграција на сторителите на кривични дела во заедницата, ќе доведе до зајакнување на јавната безбедност и безбедноста во рамките на заедницата.