Харадинај забрани увоз на производи на кои не пишува дека се наменети за Република Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по воведување на новата такса од 100 отсто на производите од Србија, објави преку Фејсбук дека Владата денеска одлучила и да се спречи увозот на сите производи во чија документација не пишува дека се увезуваат во Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Владата го обврза Министерството за трговија и индустрија и сите релевантни институции да ги отстранат и да го спречат увозот и потенцијалниот влез на пазарот на сите производи кои не се реферираат и се спротивни со официјалното и уставно име на Република Косово. Одлуката стапува на сила веднаш – надлежните институции се обврзуваат да ја спроведуваат исто така веднаш, напиша Харадинај.
Тој, исто така, ја повтори и одлуката од денешната седница на Владата, со која двојно се зголемуваат постоечките такси за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, со напомена дека ова зголемување не се однесува на увозот на меѓународни брендови, кои се набројани во анекс на одлуката.
Реакцијата на Владата во Приштина за зголемување за 100 отсто на таксите за увоз од Србија и Босна и Херцеговина следи по вчерашната блокада од страна на Белград на зачленувањето на Косово во Интерпол. Одлуката, пак, да се запре увозот на производи на кои не пишува дека се наменети за Република Косово, е реакција на извештаите од последниве денови во приштинските медиуми дека во земјата влегуваат производи на кои пишува „Увозник за Косово и Метохија”, што е името кое за Косово се користи во Уставот на Србија, а кое е неприфатливо за косовските Албанци.