„AUDI-Q7“ е продадено легално- парите се пренаменија за јавна хигиена
Општина Карпош целосно ги демантира информациите за нерегуларности во постапката за продажба на општинското возило AUDI Q7, објавени на некои од порталите.
Лицето кое го купи возилото, ниту е другар, ниту пак е познаник на градоначалникот Стефан Богоев.
Во интерес на вистината и врз основа на фактите, возилото AUDI Q7 е оттуѓено врз основа на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.
Оттуѓувањето се вршеше и преку електронскиот систем на ЗЕЛС за оттуѓување на движни ствари (e-stvari.mk), а преку електронската аукција се избра најповолниот понудувач.
Сакаме да ја потсетиме јавноста, дека Општина Карпош на седницата на Советот во февруари, донесе Одлука за оттуѓување на дел од општинскиот движен имот, со цел да се обезбедат повеќе средства за набавка на возило за одржување на јавната хигиена.
Целта на локалната самоуправа е да се минимизираат непродуктивните трошоци и средствата да се пренаменат за набавка на посоодветна механизација за одржување на чистота.
Постапката за продажба на возилото е транспарентна и прописна, а непотпишаните текстови на дел од порталите говорат за лагите и несериозноста на нивните обвинувања.
Сите портали кои ја имаат објавено лажната вест, без претходно да побараат став од Општина Карпош, бараме во интерес на професионалното информирање во целост да го објават овој демант.