Министерството за правда ќе бара отповикување на одлуката за азил на Никола Груевски, која што по експресна постапка ја донесе Унгарија. Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека ќе биде испратено барање до Унгарците да ја преиспитаат одлуката за азил дадена на осудениот експремиер.
Таа вели дека со новите измени на Законот за азил во Унгарија предвидена е оваа можност отповикување на азил. Ако Груевски не добие унгарско државјанство, неговата дозвола за азил повторно ќе биде ставена на разгледување по истекот на три години.
,,Има и други можности, погледнете ги и другите закони. Унгарија има нов закон којшто се однесува на азилот, којшто е прилично рестриктивен и којшто дава можност дури и за отповикување на дадена одлука за азил. Владата размислува да испрати барање за отповикување на одлуката за азил од причино што доколку одлуката е заснована врз определени факти, коишто не се такви какви што се, државата има право да ја поништи таа одлука. Гледајќи го унгарскиот закон оние што добиваат азил, доколку не добијат државјанство на државата или трајно жителство, нивната одлука за азил се преиспитува по службена должност на секои три години”, вели Дескоска.