Израелски министер се закани дека се изброени деновите на лидерот на Хамас

Израелскиот министер за градежништво и домување, Јоав Галант се закани со убиство на лидерот на палестинското исламистичко движење Хамас, кое управува со Појасот Газа, пренесува БТА.

Галант предупреди дека се подготвува нова „голема кампања”, во која Израел ќе нанесе сериозен удар на екстремистите од Хамас.

Министерот, кој е поранешен генерал на израелската армија и кој командувал со израелските сили во Појасот Газа, изјави дека лидерот на Хамас, Јахија Синуар треба да ги преиспита своите постапки за да не се сретне повторно со израелската армија.

-Деновите на Јахија Синуар се изброени, тој нема да умре во дом за стари лица, и тој мора да се однесува соодветно, рече Галант на прес-конференцијата организирана од страна на „Ерусалим пост.

Меѓународната заедница стравуваше дека Израел и Хамас се на работ да започнат четврта меѓусебна војна во рок од една деценија, но со помош на Египет и Обединетите нации беше договорен прекин на огнот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека моментот е несоодветен за поголем конфликт со Хамас и беше критикуван за договорот за прекин на огнот постигнат со Палестинците. Министерот за одбрана Авигдор Либерман поднесе оставка во знак на протест и го обвини премиерот Нетанјаху дека спроведува премногу мека политика кон терористите. Либерман, исто така, ја повлече неговата партија „Нашиот дом Израел” од коалициската Влада на Нетанјаху, со што мнозинството пратеници драстично се намали.

Со силен Хамас и со население одлучно на отпор, нова војна во Газа би била поголема катастрофа за израелската Влада и Нетанјаху е многу свесен за тоа, коментира „Ал Џезира”.

Телевизијата оценува дека најголем регионален приоритет на Нетанјаху е спротиставување на Иран и неговите сојузници. Оттаму, Газа без конфликт овозможува сузбивање на иранското влијание во Појасот Газа и фокусирање на вниманието на најголемиот проект на Нетанјаху – спротиставување на Иран на остатокот на Блискиот исток, наведува „Ал Џезира”.

Израелскиот премиер се обидува да го зајакне антииранскиот фронт на Блискиот исток преку воспоставување сојуз со арапските заливски држави, најмногу Саудиска Арабија, и со САД и постигнување „конечен договор”. Тој договор предвидува наметнување на одреден облик на територијално решение на палестинското прашање и целосно нормализација на односите со арапските држави, со цел дополнително изолирање на Иран во регионот, наведува „Ал Џезира”.

По посетата на Оман, израелски извори тврдат дека во тек се интензивни контакти со друга муслиманска земја каде Нетанјаху би заминал во официјална посета. Тие извори тврдат дека таа држава нема дипломатски односи со Израел, но дека во преговорите е направен значителен напредок, поради што се очекува набрзо Нетанјаху да ја посети таа земја, јавува Израелското државно радио.

Влијателниот американски рабин Марк Шнајер, основач и претседател на Фондацијата за етничко разбирање, непрофитна организација која се фокусира на подобрување на муслиманско-еврејските односи, изјави дека неодамна посетил некои од арапските заливски земји и при тоа забележал промена во нивните ставови кон Израел.

Шнајер тврди дека прва ќе биде Бахреин која ќе воспостави дипломатски односи со Израел, а потоа ќе следуваат и други.

 

 

Треба да знаете
Последни објави