Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, и претставник на Фондот за иновации и технолошки развој денес реализираа работна средба со бизнис-заедницата на општина Струмица, на која се разговарало за владините мерки за поддршка на инвестиции и актуелните повици на Фондот за иновации за финансиска поддршка на новоосновани стартап и спиноф-компании.
Како што информираат од Кабинетот на министерката, осврнувајќи се на определбите на Владата за нови инвестиции и поттикнување на претприемништвото, таа истакнала дека владините економски политики ќе продолжат и во наредната година со конкретна поддршка за стопанството.
„За сите кои сакат да направат исчекор во бизнисот во буџетот за 2019 година како Влада предвидовме 37% повисока поддршка. Овие средства ќе бидат насочени за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, за нови инвестициски вложувања, за поддршка на извозот и освојување нови пазари, за создавање нови вработувања, за поддршката на малите и средните претпријатија, за иновативната дејност, технолошки развој и истражување, за поддршка на странските инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони“, рекла министерката Апостолска.
Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, пред бизнис-задницата порачал дека ги поддржуваат сите иницијативи кои водат кон придвижување на бизнисот.
„Поддршката што произлегува од владините економски политики не е фикција, таа е реална. Очекувам како бизнимени да го препознаете просторот што се отвора пред вас и да се охрабрите во реализацијата на вашите идеи“, истакнал Јаневски.
Бисера Јордановска од Фондот за иновации и технолошки развој пред струмичките бизнисмени ги претставила инструментите од т.н. трет столб од владниот План за економски раст, како и актуелните повици за финансиска поддршка на новоосновани стартап и спиноф-компании.