СДСМ останува посветен на грижата за земјоделците, обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и развој на земјоделството, а во таа насока, предлог Буџетот за 2019 година обезбедува поголема грижа, повеќе пари за земјоделците и силна поддршка за земјоделството, изјави пратеничката од СДСМ, Славица Шуманска-Митева.
„Земјоделците добиваат 10.5 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Најголем дел од овие средства, 8.5 милијарди денари, се за директна финансиска помош на земјоделците. Земјоделците добиваат над 6,6 милијарди денари за целосна, навремена и неселективна исплата на субвенциите. За мерките од Програмата за рурален развој во 2019 година од Буџетот земјоделците добиваат 1,7 милијарди денари, односно, 148 милиони денари повеќе отколку за оваа година. Во наредната година за првпат во историјата ќе се реализира и мерка „зелена нафта“ којашто ја ветивме пред земјоделците“, изјави Митева.
Пратеничката од СДСМ додава дека тоа ќе значи поддршка на земјоделските стопанства од 30 % при набавка на гориво за земјоделска механизација, со што ќе се намалат трошоците за производство. Во 2019 година, вели Шуманска-Митева земјоделците добиваат и 290 милиони денари или близу 5 милиони евра повеќе за капитални проекти, за водостопанството.