Во францускиот град Мулхаус 9-годишно дете било до смрт претепано од членови на неговото семејство бидејќи не сакало да ја напише својата домашна задача, пренесе Би-би-си.
Според информациите објавени од страна на локалната полиција, откако момчето одбило да ја напише домашната задача, членови на семејството го претепале со рачка од метла. Постарата сестра на момчето, неговиот постар брат и полусестрата биле тие кои ги нанесувале ударите во овој ужасен инцидент и се осомничени за убиство.
Иако мајката на детето не била присутна за време на тепањето, сепак таа знаела што се случува, односно како братот и неговите сестри се однесуваат кон него, па поради тоа, исто така е уапсена.
На аутопсијата биле забележани модринки по целото тело на детето. Тоа доживеало и срцев удар, но истражителите сметаат дека причина за смрта се ударите со рачка од метла.
Според француските медиуми, мајката била на службено патување, но ги поттикнувала другите членови на семејството строго да го казнуваат детето доколку не сака да работи на домашните задачи.
Полицијата се сомнева дека неговиот 19-годишен брат му задал најмногу удари на детето, но истрагата сè уште не е завршена.