Европска комисија: Случајот со Груевски треба да се гледа исклучиво од правен, а не од политички аспект

Европска комисија: Случајот со Груевски треба да се гледа исклучиво од правен, а не од политички аспект

Од Европската комисија, на чие чело е Жан Клод Јункер, на прашање од унгарските медиуми во врска со случајот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски одговориле дека истиот не треба да се политизира и оти очекуваат сите страни да дејствуваат исклучиво во согласност со правните прописи.

Како што пренесува порталот Hungary today, според Комисијата, македонските власти успеале да го зајакнат владеењето на правото во земјата.

Портпаролот на Комисијата рекол оти е свесен за случајот на Груевски, но дека според законодавството на ЕУ, земјите членки самостојно разгледуваат и одлучуваат по индивидуалните апликации за азил.

Сепак, Комисијата очекува секоја од страните да дејствува строго во согласност со правилата, без притоа случајот да се политизира бидејќи, како што наведуваат оттаму, владеењето на правото е водечки принцип и во земјите членки и во земјите кандидати.

Од Европската комисија исто така велат дека изненадувачки е тоа што Унгарија го поддржува членството на Македонија во ЕУ, но смета дека земјата не е безбедна.

Претходно, унгарската влада забележа дека случајот на Груевски го смета исклучиво за правно прашање, а не политичко.

Иако Комисијата не одговорила директно на прашањето од унгарските медиуми за тоа дали ќе расправа за случајот на Груевски со унгарската влада или не, оттаму застанале зад твитот на европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, кој тој го сподели во средата.

Еврокомесарот напиша дека доколку е потврдена информацијата оти Унгарија одобрила азил за Никола Груевски, тој од Виктор Орбан очекува солидно објаснување за основите на азил.

 

Треба да знаете
Последни објави