Шпанија ќе гласа против декларацијата за Брегзит поради Гибралтар

Шпанија ќе гласа против сегашниот предлог на Декларацијата за Брегзит поради недоволната јаснотија во врска со контроверзната британска прекуморска територија на Гибралтар, соопшти денеска шпански дипломатски извор.

Шпанија сака во текстот од предлогот на декларацијата да стои јасно дека прашањето на полуостровот на југот од шпанското копно треба да биде договорено билатерално помеѓу Шпанија и Обединетото Кралство, додаде изворот, објави Ројтерс.
Преговарачите на Европската комисија и Велика Британија за Брегзит ја усогласија декларацијата за идните врски меѓу двете страни, потсетува Ројтерс.

Нацрт-декларацијата сега ќе биде испратена до официјални претставници на 27 земји-членки на ЕУ на денешната средба во Брисел.

И покрај силните несогласувања околу Гибралтар, тие се надеваат дека декларацијата ќе биде финализирана навреме за водачите на ЕУ да ја одобрат заедно со правниот договор за излегување на Британија од ЕУ на самитот во неделата.

 

Треба да знаете
Последни објави