Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески го презентираше Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2019 година. За време на прес-конференцијата Сугарески потенцираше дека Буџетот за 2019 година е развоен буџет, креиран во насока на задоволување на потребите на граѓаните и стимулирање на економскиот раст на државата, а во кој околу 90 % од проектираните средства се расходи наменети за капитални инвестиции.
Вкупниот Буџет на министерството за 2019 година изнесува 7 милијарди 269 милиони и 985 илјади денари. Во делот на капиталните расходи предвидени се средства во висина од 6 милијарди 419 милиони и 925 илјади денари, изјави Суграевски.
„Реализацијата на капиталните проекти е главен предуслов за економски раст на државата и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. 2019 година за Република Македонија ќе биде година на крупни капитални инвестиции во патната, железничката и комуналната инфраструктура, како и изградба на гасоводната мрежа,“ истакна министерот Сугарески.
Најголем дел од капиталните расходи се наменети за изградба на железницата кон Република Бугарија и модернизација на пругата на Коридор 10, вели тој.
„Во делот на изградба и модернизација на железницата, предвидовме 3 милијарди 340 милиони денари или за 2 милијарди повеќе споредено со Буџетот за 2018 година. Сакам да најавам дека следната година ќе започнеме со изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а очекуваме и забрзување на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце. Исто така, предвидовме 430 милиони денари за субвенции за МЖ Транспорт, наменети за покривање на загубите од превозот на патници,“ вели Сугарески.
За изградба на гасоводната мрежа,пак, предвиден е буџет во висина од 1 милијарда 557 милиони денари или 1, 1 милијарда денари повеќе, споредено со 2018 година, посочи министерот и додаде дека очекува засилени градежни работи во текот на 2019 година, со оглед на тоа дека веќе се надминати сите спорни моменти со изградбата на гасоводот на Водно.
Сугарески исто така истакна и дека следната година за изградба на канализации и водоводи преку проектот од Европската инвестициска банка предвидени се 590 милиони денари. Околу 288 милиони денари се предвидени за изградба и реконструкција на водоводите во Гостивар, Кавадарци, Радовиш и Гевгелија во соработка со КФВ банката и дека исто така следната година, како што посочи министерот ќе се започне и проектот за изградба на водоводната и канализационата мрежа во индустриската зона Визбегово, за што проектирани се 60 милиони денари.
Во Буџетот за следната година, проектирани се средства во висина од 84 милиони и 210 илјади денари за финансиска поддршка за авиопревозници што ќе воспостават нови авиолинии за граѓаните, вели Сугарески.
Тој потенцираше дека во текот на 2019 година ќе продолжи и изградбата на социјални станови, за што се предвидени 310 милиони денари.
Веќе следната година започнува нов проект за олеснување на трговија на Западен Балкан, за што се проектирани 62 милиони денари, посочи Сугарески за време на презентацијата на Буџетот на министерството и додаде дека ова е проект што ќе се реализира во соработка со Светска Банка и опфаќа подобрување и опремување на граничните премини, мониторинг и безбедност на патниот Коридор 10 и други активности што ќе помогнат за меѓуграничната соработка на земјите од Регионот. Вкупната вредност на целиот проект изнесува 30 милиони американски долари.