Прилепчанец е осомничен за компјутерска шпионажа бидејќи ја хакирал фирмата од која добил отказ, па потоа деловните тајни ги оддавал на конкурентска компанија, информираше МВР.
Станува збор за Ж.Г.(51) против кого е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, како и оддавање и неовластено прибавување деловна тајна.
Според полицијата, осомничениот го извршил делото во периодот од јули до август 2018 година, по завршувањето на работниот однос во компанија во Прилеп, каде работел како администратор на компјутерскиот систем.
Тој ја искористил приликата што компанијата не презела активности за промена на корисничките имиња и пасворди за пристап кон компјутерскиот систем, па континуирано, од неговиот персонален компјутер, користејќи програма за мрежно поврзување и контролирање на друг компјутер, неовластено пристапувал кон компјутерскиот систем на фирмата. При тоа во повеќе наврати времено го оневозможил користењето и употребата на компјутерскиот систем, а ја следел деловната коресподенција на вработените. Тој прибавувал и класифицирани документи во електронска форма, кои потоа преку електронска пошта, ги праќал до сопственикот на конкурентска компанија од Прилеп.