Унгарскиот весник „Непсзава“ повторно побарал мислење од „Стејт Департментот“ за случајот со експремиерот, Никола Груевски по добивањето на политички азил од страна на унгарските власти, пренесе „Унгарија денес“.
Стејт департментот одговори дека обрнува посебно внимание на случајот со Груевски, особено по азилот. Оттаму ја повторуваат претходната позиција, посочувајќи дека поранешниот премиер е осуден на две години казна затвор во транспарентен правен процес и треба да одговара во својата земја.
„Груевски е обвинет за уште четири кривични дела. Веруваме дека судските постапки во Македонија треба да продолжат и Груевски да одговара во рамки на македонскиот правен систем“, додава „Стејт департментот“.
Весникот потсетува дека Груевски беше премиер во Македонија помеѓу 2006 и 2016 година. Подоцна тој беше осуден за корупција, но не се појави во затворот каде треба да ја отслужи казната, пишува „Унгарија денес“ и додава дека Груевски на својата „Фејсбук“ страна минатата недела објави дека е во Будимпешта каде бара политички азил.