Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев секој ден сѐ повеќе го уништува здравство, изјави Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата обвинува дека никој од надлежните не мисли на здравството, а тоа го покажува и последниот, како што рече, дрзок однос на Фондот за здравствено осигурување кон стоматолозите и кон матичните доктори.
„Министерот за здравство Венко Филипче како да не е министер за здравство, туку министер за лаги и манипулации на граѓаните и здравствените работници. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев треба да се засрами од договорите кои им ги нуди на матичните стоматолози и доктори. Дали немањето слух за многуте забелешки кои ги имаат докторите е директна порака од страна на Ден Дончев која буквално би значела, прифати го договорот или затвори ја ординацијата“, рече Андоновска.
Таа додаде дека односот на директорот на Фондот е непрофесионален, некоректен и не придонесува за унапредување на здравството и здравствената фела.
Исто како и на матичните лекари, вели Андоновска, така и на стоматолозите им се понудени најлоши услови за работа со Фондот за здравствено осигурување. Со екстремната казнена полититика кон стоматолозите се удира и врз граѓаните, односно пациентите.
„СДСМ и Заев во изборната програма, ветуваа реформи кои здравствените работници посакуваа да бидат реалност. Но, за жал реалноста која е резултат на нивното владеење е сосема спротивна од она што го ветување. Само лаги и неспособност од нивна страна! На стоматолозите им ветија зголемување на капитацијата по пациент за матичните стоматолози од 40 на 70 денари. Нудеа основни бесплатни стоматолошки пакети за секој матичен пациент.
Ветуваа дека ќе најдат решение за хиперпродукција на кадарот, ветуваа проширување на мрежата. И не така одамна слушнавме ветување дека пациентите ќе можат да се евидентираат на име на ординација, а не на име на доктор.
Замислете, ветија зголемување на финансискиот надоместок во секундарна специјалистичка стоматологија по примерот на секундарната медицина“, заклучи Андоновска од ВМРО-ДПМЕ.
Опозицијата апелира до надлежните институции да не бидат незаинтересирани за актуелните барања и потреби на здравствената фела, да повикаат претставници на разговор за да ги прифатат и имплементираат нивните барања.