Поради премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, година ипол 1200 работници од „Југохром“ поминуваат низ вистински пекол, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски и додаде дека семејстава немаат приходи поради неодговорноста на власта која ги лаже за рестартот на работата на комбинатот.
-На 18 јуни 2017 година, Зоран Заев лично вети дека ќе се ангажира околу рестартирањето на Југохром, за на 12 октомври истата година Владата да излезе и со конкретно ветување дека фабриката ќе отпочне со работа најдоцна до мај – јуни оваа година, а еве помина цело лето, поминува и ноември, за жал „Југохром“ се уште не почнува со работа.1200 вработени се без работа и немаат основни средства за егзистенција, а виновниците за тоа имаат име и презиме, тоа се Зоран Заев и Кочо Анѓушев. Пред точно два дена власта која ветуваше целосно рестартирање сега вели дека истиот ќе почне со работа наредната година до јуни, со што спасени ќе бидат 550 вработени, рече Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ праша како власта ќе им објасни на работниците дека 650 од нив ќе останат без работа. „Кои се тие кои ќе ги бркате, а кои се тие кои ќе што останат да работат? Што ќе прават 650 луѓе кои ќе останат без работа од Југохром?“, праша Арсовски.
Опозицијата додава дека како еден од снабдувачите со струја на Југохром додека работела, се јавува ЕДС – компанијата која што била во сопственост на Кочо Анѓушев.
-Тоа можеме да го видиме од возниот ред на МЕПСО, кој ви го презентираме во позадина (на видеото од прес-конференцијата) за 8 јуни 2016 година, од која се гледа дека ЕДС на Анѓушев во тоа време се јавува како добавувач на струја за Југохром. Власта треба итно и неодложно да одговори, дали позади нерестартирањето на Југохром се кријат нечии бизнис апетити и дали можеби некој зад кулисно се пазари? СДСМ година ипол е на власт и не оствари ниту едно ветување, а не успева затоа што и во еден Југохром се кријат лични бизнис интереси на поединци од власта и политичко пазарење за сметка на маката на напатените работници“, рече Арсовски.
Ова е најцрно време за македонската економија и граѓаните, заклучува опозицијата.