Британската премиерка Тереза Меј денеска потврди дека со Европската комисија е постигнат договор за нацрт- декларацијата за односите со Велика Британија и ЕУ по Брегзит и порача дека в недела „ќе се запечати договорот”.
-Договорот, кој го постигнавме е меѓу Британија и ЕК. Сега лидерите на 27 земји членки на ЕУ треба да го разгледаат тој договор во наредните денови до специјалниот состанок на ЕУ в недела, рече Меј.
Британската премиерка истакна дека британскиот народ „сака ова да биде запечатено, сака добар договор, кој води на патот кон светла иднина”.
-Договорот ни е на дофат на раката и јас одлучив да го остварам, рече Меј.
Претходно, неименуван претставник на ЕУ, информира дека преговарачите на ЕК и Обединетото Кралство усогласиле декларација за Брегзит за идните врски на двете страни.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, исто така, потврди дека преговарачките тимови на ЕУ и Велика Британија постигнале договор за нацртот на политичката декларација за идните односи на двете страни.
Се очекува лидерите на 27 членки на ЕУ на вонреден самит в недела да го потврдат нацрт договорот за повлекување и да ја одобрат политичката декларација за идните односи со Велика Британија.
Во седиштето на ЕУ во Брисел велат дека, и покрај одредени забелешки, пред се на тие кои ги изнесе Шпанија во однос на територијата на Гиблартар, се очекува в недела на самитот на ЕУ 27 да биде одобрен договорот за уредено повлекување и идните односи меѓу ЕУ и Велика Британија.