СДСМ и Кочо Анѓушев сѐ уште не кажаа кои се тие 650 од 1.200 работници во „Југохром“ кои нема да одат на работа откако ќе се рестартира комбинатот, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Веќе година ипол СДСМ, Заев и Анѓушев ги лажат 1.200 работници на „Југохром“ кои се надеваат дека ќе почнат со работа. Одговорот на Анѓушев, Заев и СДСМ е дека од 1.200 само 550 ќе почнат да работат и тоа дури на пролет. За останатите 650 работници од „Југохром“, никому од Владата на СДСМ не му е гајле што ќе се случува и дали ќе имаат пари да преживеат. Всушност и онака година ипол ги оставија на питачки стап, да се снаоѓаат и да преживуваат како знаат. Но, она што е позагрижувачко е дека никој од Владата не одговори, дали позади нерестартирањето на „Југохром“ се кријат нечии бизнис апетити и дали можеби некој задкулисно се пазари? Граѓаните и вработените сеуште чекаат одговор на ова прашање“, подвлече Арсовски.
Портпаролот потсети дека ВМРО-ДПМНЕ веќе објави дека помеѓу снабдувачите со струја на „Југохром“ додека работеше, беше „ЕДС“ компанијата која што била во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Оттука опозицијата го прашува Анѓушев дали е точно дека кога тој бил вицепремиер и сопственик на „ЕДС“ му продавал струја на „Југохром“.