Македонија е социјална држава и согласно надлежностите на Министерството за труд и социјална политика, доколку одредено семејство се соочи со проблем за обезбедување на социјална сигурност , истото може да се обезбеди преку постојниот систем на социјална заштита- велат во Министерството.
Валентина Ангеловска
Околу 3.000 вработени во „Орка холдинг“ месецов може да останат без плата. Блокирани сметки, наплата на долгови од страна на извршители се само дел од проблемите кои треба да ги надминат, ако има можност за тоа. Дел од фирмите веќе ги тргаат обвинетите во случајот на „СЈО“ – Империја од своите Управни одбори се со цел да се најде законски начин за да на вработените им се исплатат лични доходи.
Во Управата за јавни приходи велат дека единствен начин да се наплатат долговите на една фирма од нивна страна е со присилна наплата.
– Согласно Правилникот за начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување, односно со воведување на концептот бруто плата, исплатата на нето плата задолжително е проследена со плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок од доход на плата (интегрирана наплата). Согласно наведените одредби, како и чл.142 од ЗДП, УЈП може да превземе мерки за присилна наплата на целиот долг (бруто плата) по неплатена МПИН-пресметка, со носење на решение за присилна наплата од парични средства на должникот (блокада во банка)- велат во УЈП.
Колку време ќе помине пред УЈП да започне со присилна налата, не се знае. Дел од фирмите може да одат во стечај, а се бара стечаен управник и истите да се исплаќаат од стечајната маса. Но најголем дел од фирмите на Камчев имаат долгови кон банките со кредити.
-Решението на УЈП има приоритет за извршување пред сите други налози доставени во банка од други доверители. Но, во случај доколку пред решението за присилна наплата од парични сретства на должникот по основ на МПИН-пресметка од страна на УЈП биле доставени други решенија за присилна наплата од парични средства по основ на други даночни долгови, тогаш сите решенија од УЈП ќе се извршуваат според редоследот на достава до банка- велат даночниците.
Во Министерство за труд и социјала објаснуваат дека тие не се надлежни да ги испитува причините, основот и постапката за блокирани сметки на фирмите.
– Неисплата на плати на вработени, во било кој случај, има влијание на економско социјалната положба на вработените, а секако и на нивните семејства. Но, Македонија е социјална држава и согласно надлежностите на Министерството за труд и социјална политика, доколку одредено семејство се соочи со проблем за обезбедување на социјална сигурност , истото може да се обезбеди преку постојниот систем на социјална заштита- велат во Министерството.
Во „купот“ на „Орка холдинг“ се околу 3.700 вработени. Преку Орка Холдинг Камчев е сопственик или косопственик на најголемата болница во Македонија „Аџибаден Систина“, на Стопанска Банка- Битола, на најголемиот земјоделски комбинат ЗИК Пелагонија, на градежната фирма Бетон Штип, хотелот Ибис, „Жито Полог“ и десетина други фирми.