По повод светскиот ден за борба против сите форми на насилство врз жените 25 ноември, зградата на Владата е осветлена во портокалово, која е симбол на оваа борба.
,,Владата на Република Македонија цврсто стои зад заложбата за нулта толеранција спрема секоја форма на насилство врз жените и девојките. Неодамна ја ратификувавме Истанбулската Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, а минатиот месец го усвоивме Акцискиот план 2018-2020 за спроведување на конвенцијата. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Токму затоа мора да работиме заеднички да ставиме крај на тоа”, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
„Слушни ме и мене“’ е годинашното мото на Меѓународниот ден. Кампањата која се одржува во светски рамки ќе трае до 10 декември. Целта е да се поттикне свесноста на заедницата и индивидуалниот придонес во борбата против насилството врз жените и девојките.