Како држава имаме две добри пракси кои можеме да ги презентираме. Првото е носење закон за практикантство кој е во владина процедура и овозможува младите по завршено образование да се стекнат со вештини и знаења кај работодавач и понатаму да останат кај него, да бидат вработени или со тие вештини да се понудат на пазарот на труд. Втората е „Гаранцијата за млади” која мината година се пилотораше во три општини и во нив даде вработени 1.400 млади лица. Ова ни дава основа да ја прошириме во 2019 и во 2020 очекувам да имаме и законско решение согласно европските насоки и политики.
Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална полотика Мила Царовска по отворањето на регионалната работилница за практикантство под покровителство на Советот за регионална соработка во рамки на проектот „Платформа за вработување и социјални работи”.
Директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија Билјана Јовановска изјави дека за нив приоритет остануваат политиките и мерките за вработување на младите луѓе со цел да се вработат и да останат во Република Македонија.
Тим лидерот Нанд Шани изјави дека Регионалниот совет за соработка поддржува шест држави од Западен Балкан преку проектот што е финансиран од ЕУ за вработување и социјални работи.
– Ги поддржуваме министерствата за труд и социјални работи и националите служби за вработување за изградба на капацитети за изработка на подобри политики на полето на вработувањето. Во Скопје заедно со МТСП и со АВРМ ги поканивме претставаниците од другите министерства за труд и агенциите за вработување од другите држави за да ги видат позитивните искуства од македонскиот закон за практиканство и гаранцијата за млади. Искуствата за практикантство овде се едни од најдобрите во регионот, овде е пилоторана и „Гаранцијата за млади” така што сакавме другите држави од регионот да се запознаат со македонските искуства, рече Шани.
Одговарајќи на новинарско прашање директорката Јовановска рече дека во делот Гаранцијата за млади можат да ја сметаат за успешна мерка, за успешен пилот- проект.
– За практикантството во 2017 година, над 50 отсто од лицата кои беа вклучени веќе засноваа работен однос. Оваа година беше зголемен опфатот на лица вклучени во практикантство, некаде околу 1.200 лица беа со потпишани договори, а во тек е реализација на самата мерка и очекуваме во декември да излеземе со број колку од нив веќе имат склучено договори, рече Јовановска. Додаде дека од нивните искуства на терен, над 50 отсто од лицата ќе засноваат работен однос. Согласно мерката, работодавачите немаат задолжителна обврска да ги задржат лицата на работа.