Тутунски комбинат Прилеп станува продуктивна компанија

Застарен производен процес и опрема, како и превработеноста најчесто се основна причина за финансиски проблеми на компаниите. Доколку еден стопански субјект најде начин да ги реши овие проблеми безболно, тој може за многу кус рок да се трансформира во продуктивна и ефективна компанија. Типичен доказ за ова е Тутунскиот комбинат од Прилеп (ТКП) кој со децении беше на листата најголеми загубари во земјава, чие работење и опстојување, со оглед дека е најголем откупувач на тутун од најголемиот тутунопроизводен регион во земјава, зависеше од постојани дотации од државата како негов сопственик.

Веќе денес комбинатот е компанија која е на вистински пат да стане успешен стопански субјект кој ќе има значителен придонес за македонската економија. И тоа благодарение на стратешкото партнерство остварено со тутунскиот гигант Филип Морис Интернешнел и формирањето на заедничка компанија Филип Морис -ТКП.

Со помош на стратешкиот партнер прилепскиот комбинат за само неколку години ја подобри инфраструктурата, доби нови машини за производство на цигари, почна производство на нови квалитетни брендови барани на пазарот и го осигура стабилниот откуп и навремена исплата на сите договорени количини тутун. Истовремено, доби можност безболно да го реши прашањето на превработеноста, создавајќи можност за зголемување на ефикасноста и продуктивноста.

Благодарение на партнерството за првпат од кога е изградена фабриката во Тутунски комбинат се изврши реновирање на производната хала со површина од над 5.000 метри квадратни. Инсталирана е и нова машина за производство на цигари со потенок прогресивен формат или т.н. 7.0 формат, што овозможи да почне да се произведува Chesterfield 7.0 и да се започне со производство на Marlboro 7.0. како најбрзорастечки формати на македонскиот пазар во моментов.

Поддршката од Филип Морис овозможи и успешно реструктурирање преку намалување на бројот на вработените, на доброволна основа, со давање социјални пакети, за што имаше голем интерес. На овој начин се реши горливиот проблем на превработеноста, со што истовремено се подобри и старосната структура, а што сето со децении го оптоваруваше работењето на комбинатот. Со двете акции за доброволно заминување ТКП дојде до оптимална бројка вработени, согласно потребите на производниот процес.

На овој начин истовремено се отвори простор во иднина да има и нови вработувања на млад и обучен кадар. Токму затоа, како дел од севкупната поддршка за модернизација и зголемување на продуктивноста на ТКП, Филип Морис помага и за  подобрување на условите во образовниот процес и за најсовремена обука на персоналот потребен од ТКП. Во рамки на својата корпоративна одговорност, Филип Морис ТКП инвестираше 80.000 долари во реновирање и оформување на  специјализирани школски електротехнички лаборатории за потребите на наставниот процес во средното општинско училиште Ристе Ристески – Ричко, Прилеп.

Соработката помеѓу Филип Морис ТКП и ова средно училиште се оствари и во делот на практичната настава, односно овозможување пракса за учениците во текот на целата година во капацитетите на фабриката, за што беше потпишан и меморандум за соработка. За ТКП ова е начин да обучува кадри кои во иднина ќе можат да станат дел од колективот на фабриката.

 

Треба да знаете
Последни објави