Во преполната сала на Драмски театар денеска се одржа комеморативна седница за актерот Мите Грозданов, кој почина завчера во 75-тата година од животот. На доајенот на македонскиот театар му беше матична сцена од 1968 до пензионирањето во 2008 година.
Мите Грозданов (Струмица, 1943 – Скопје, 2018) почнал да работи во Драмскиот театар во 1968 година, во претставата „Партитурата за еден Мирон“ во која, како што наведува ДТС, го открил својот богат, раскошен талент, уникатен и универзален, допирлив и разбирлив.
Грозданов на сцената на Драмскиот театар оствари 70-ина улоги и уште се во сеќавање неговите сценски реализации во: „Мајка“ од Виткиевич, „Грдиот Нарцис“ од Арсовски, „Јане Задрогаз“ од Стефановски, „Татко“ од Стриндберг итн. За своите креации многупати е чествуван со признанија и награди како „Златен ловоров венец“ на Фестивалот МЕСС, а двапати е наградуван на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Дел од својата нескротлива енергија ја реализира и со повремени гостувања како инспиратор, режисер и актер во театрите во Струмица, Скопје, Кочани, Гевгелија, Кавадарци, Куманово и други места, неуморно реализирајќи и институциопнални и независни театарски проекти.
Покрај бројните улоги, Грозданов е и автор на поезија и ги објави книгите песни „Откорнат од душата“, „Земјанец“ и „Ме болат мислите“.
Фото: Слободан Ѓуриќ