Британскиот парламент во декември ќе одлучува за брегзит

Членовите на британскиот парламент на 11 декември ќе се изјаснат дали го прифаќаат договорот за излез на Велика Британија од Европската Унија, што во неделата беше заклучен на самитот во Брисел, соопшти синоќа премиерката Тереза Меј, пренесе „Би-би-си“.

„Долниот дом ќе одлучи дали сака или не да одговори да волјата на британскиот народ, кој се одлучи за брегзит“, порача Меј.

Предвидено е пред гласањето да се води петдневна расправа, за време на која Меј ќе се обиде да придобие повеќе пратеници од нејзината партија, кои засега не сакаат да го поддржат предложениот договор.

Иако во последните две седмици е соочена со жесток отпор поради нејзиниот план за брегзит, поради што неколку министри го напуштија кабинетот, а покренато е и прашањето за доверба во владата, Меј порача дека понудениот договор е најдобар и не е возможно да биде издејствуван подобар договор.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика сите пратеници да гласаат против бидејќи договорот, како што оцени, претставува национално самоповредување, а нема да го поддржат ни пратениците од Демократската партија во Северна Ирска.

Премиерката Меј е уверена дека ќе добие мнозинството во парламентот.

Треба да знаете
Последни објави