Манчестер Сити се наоѓа на самиот врв на табелата во Премиер лигата и изгледа како многу сериозен конкурент за одбрана на титулата која ја освои минатата сезона. Но, Пеп Гвардиола не верува дека успехот во домашното првенство ќе ги замолкне критичарите.
Гвардиола верува дека критичарите нема да го прифатат Манчестер Сити како успешен клуб сѐ додека тој не ја освои Лигата на шампионите.
Денеска Манчестер Сити оди на гостување во Франција, каде против тимот на Лион ќе се обиде да стигне до победа и пласман во нокаут-фазата од најелитното клупско натпреварување во Европа. Ако победи, Гвардиола ќе ја забележи третата победа на гостински терен во групната фаза за првпат во неговата кариера, но тој верува дека Сити мора да оди до самиот крај доколку сакаат да ги затворат устите на критичарите.
„За луѓето кои не нѐ сакаат, кои ги користат парите како аргумент против нас, за нив Сити ќе биде неуспешен клуб додека не ја освои Лигата на шампионите. Сите останати, посебно нашите фанови, мораат да бидат задоволни од она што го прават играчите во изминатите 14-15 месеци“, вели Гвардиола.
Најголем проблем на Манчестер Сити во моментов се повредите. Илкај Гундоган, Бернардо Силва и Кевин Де Бруин со сигурност нема да настапат во Лион, додека Габриел Жезус се опоравува од повреда на стапалото и неговиот настап е под знак прашалник. Во ваква ситуација, младиот Фил Фоден е единствената опција од клупата на Сити, но Гвардиола воопшто не е загрижен поради тоа.
„Бев импресиониран од него уште во претсезонските натпревари, а сега тој е уште посилен и повеќе свесен дека сака да игра за нас. Во минатиот натпревар одигра 20 минути со висок интензитет и навистина сум задоволен како игра без топка. Кога и да го повикам во составот, секогаш е подготвен“, вели Гвардиола.
Ако натпреварот заврши нерешено, Манчестер Сити веќе ќе биде во нокаут-фазата а Лион ќе треба да се надева на нерешен резултат помеѓу Хофенхајм и Шахтјор за и тој да биде дел од осминафиналето. Гвардиола вели дека најважната задача е Манчестер Сити да се квалификува за нокаут-фазата а дури потоа да се подготвува за патот до финалето.