Корумпираните службеници во германските конзулати во некои земји од Блискиот Исток соработуваат со шверцерите на луѓе и буквално им продаваат фалсификувани визи на мигрантите кои сакаат да дојдат во Германија како бегалци, открива „Шпигел“.
Корупциските шеми течеле непречено во визните центри на многу германски диплматски мисии во странство, а особено на Блискиот Исток, пишува „Шпигел“, нарекувајќи ги конзулатите „Ахилова пета” во борбата против шверцот на луѓе. Весникот, исто така, ги нарекува локалните вработени „слаба точка” во германските визни одделенија бидејќи тие обично работат со шверцерите на луѓе.
Германскиот конзулат во северниот ирачки град Ербил бил особено инволвиран во една таква измамничка шема. Локалните шверцери со луѓе им нуделе визи на своите клиенти преку корумпираните претставници на конзулатот без потреба од одобрување од Одделот за визи и регистрација во Германија. Лажен документ кој би можел да му овозможи на барателот на азил законски да влезе во Германија како дел од програмата за прием на бегалци, чинел меѓу 3.000 и 13.000 долари.
Нелегачната шема наводно траела непречено помеѓу август и декември 2017 година кога конечно го привлекле вниманието на официјални претставници на Министерството за надворешни работи. Фалсификаторите успеале да продадат околу дваесетина визи во текот на овој период, вели „Шпигел“, додавајќи дека вистинскиот број на такви случаи може да биде многу поголем.
Слична шема водел и еден вработен во германскиот конзулат во Бејрут, во Либан, идентификуван како Мохамад Џ. Човекот наводно водел профитабилна трговија со визи во конзулатот помеѓу декември 2014 и мај 2015 година. Тој сега се соочува со обвиненија во Германија за 11 случаи на продажба на визи. Сепак, вистинскиот број може да биде многу поголем бидејќи иследниците идентификувале околу 201 сомнителна апликација за виза обработени во конзулатот во тој период.
Сепак, германските власти се чини дека биле изненадувачки неподготвени да ги истражат таквите случаи. Според „Шпигел“, ваквите истраги обично почнуваат дури откако таквите инциденти ќе се најдат во медиумите. Властите почнале активно да ја истражуваат измамата во конзулатот во Бејрут откако WDR известил за тоа во шоуто „Монитор”.
Во случајот на Ербил, германското МНР ги информирало властите за проблемот уште во декември 2017 година, но случајот очигледно останал закопан во полициската бирократија речиси една година, додека Јавното обвинителство конечно не почнало кривична постапка против осомничените фалсификатори во октомври 2018 година.
Локалните вработени осомничени за корупција и за фалсификување визи се уште работат во конзулатот во Ербил. Мохамад Џ. од конзулатот во Бејрут и неговиот соучесник сега живеат во Германија и се на слобода додека чекаат судско сослушување за нивниот случај.