Експремиерот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, преку е-пошта бил известен дека е почната постапка за одземање на неговиот пратенички имунитет.
Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, рече дека пратеникот Груевски бил известен преку електронска пошта, преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата денеска на седница едногласно донесе одлука да се препорача да му се одземе имунитетот на Груевски. Пратениците поединечно гласаа за сите шест барања за притвор кои стигнале од кривичниот суд до Собранието. СЈО бара притвор за Груевски за предметите „ТНТ“, „Титаник“, „Талир“ за две кривични дела, потоа за предметот „Насилство во Центар“ и „Траекторија“.