Се чека предлог од независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за „27 април“
Предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера не го доби потребното мнозинство да биде ставен на дневен ред на 66. пленарна собраниска седница. Независните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлагаат целосна амнестија на индиректните учесници во немирите во Собранието лани на 27 април и преквалификација на обвинението на другите обвинети предлагаат.
Тие овој предлог-закон за амнестија ќе му го дадат на координативното тело за помирување, кое првата седница ќе ја одржи утре. Независните пратеници со ова бараат селективна амнестија, која нивната матична партија не ја поддржува.
Пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов објаснувајќи го ставот на владејачката партија во врска со тоа што е прифатливо за нив во однос помирување и амнестија на учесниците на овој настан, вели дека треба да се направи разлика помеѓу оние што нарачале и оние што извршиле насилство и оние кои биле во еуфорија во Собранието за време на настаните од 27 април.
Костадинов на прес-конференција во Собранието запрашан во врска со тоа дали е изготвен нов закон за амнестија од страна на координативното тело за помирување кое најави состанок за среда, рече дека очекуваат во најскоро време од страна на пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ да произлезат, како што кажа, „насоките и формите за тоа како би се случувало помирувањето“.
Во однос на гласањето против ставање на дневен ред на предлог-закон за амнестија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов повтори дека мнозинството пратеници сметаат дека одговорност за насилството од 27 април мора да има.
– Не смее и не може да има амнестија за оние кои планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април, рече Костадинов.
Претходно, Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој предлог закон се опфатени сите лица за кои веќе има донесено првостепена судска одлука, но се уште ја немаат добиено одлуката од судот, потоа лицата кои се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок на РМ како и лицата кои се опфатени со обвиненија за учество во толпа и слично.
– Законот предвидува вистинско национално помирување за сите кои учествувале во настанитеод 27 април, а не селективно помирување како што сакаат да направт премиерот Заев и парламентарното мнозинство преку т.н Комисија за помирување… Игор Дурловски, Владо Јовановски, Борис Дамовски не се и не можат да бидат терористи, ниту вработените во МВР… Целта на законот е национално помирување и враќање на нормалните теркови во државата. Ги повикуваме сите пратеници од парламентарното мнозинство да дадат поддршка за законот за амнестија, конечно да завршат поделбите во македонското општество и да ја вратиме државата во нормлана насока и да се концетрираме на висниските проблеми кои ги мачат граѓаните, рече Стаменковска.
Собраниското кородинативно тело за помирување и интеграција својот прв состанок ќе го одржи утре. На седницата, како што информираат претставници на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да бидат изнесени размислувања во врска со содржината на законот за помирување за настаните од 27 април во Собранието.
Ќе ги соочиме фактите, велат пратениците и посочуваат дека се уште траат консултациите со правниците во врска со овој закон за помирување.
Во среда седница ќе има, но не значи дека на неа ќе помине некаков текст на закон за помирување, нагласуваат од оваа пратеничка група.
Координативното тело што го предводат потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.
Дали ваков закон за помирување ќе има поддршка од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе зависи од тоа што ќе биде понудено, посочуваат пратеници од оваа пратеничка група без разлика на тоа што не учествуваат во работата на координативното тело.