Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со раководството на партијата утре ќе одржи заедничка работна средба со раководството на Стопанската комора на Македонија. Во недостиг на повеќе информации се претпоставува дека најголемата опозициска партија пред стопанствениците ќе ја презентира својата позната програма „Реално! Програма на ВМРО-ДПМНЕ 2017-2020 Работа, Сигурност, Напредок“.
Со цел спроведување редовни консултации со политичките партии за нивните економски политики, раководствата на ВМРО ДПМНЕ и Стопанската комора на Македонија ќе одржат заедничка работна средба.Работната средба ќе се одржи на 28 ноември 2018 година (среда), во Стопанската комора на Македонија, информираа во штурото соопштение на Комората.
Од горе споменатото може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ се одготвува за избори и бара подршка од бизнис-секторот, што е сосема логично, особено ако се знае дека имотот на партијата е замрзнат, но и особено што опозицијата и најголемиот број бизнисмени се на иста страна во однос на најавеното воведување на прогесивното оданочување.Затоа Мицкоски и јавно ќе побара подршка на програмата за која смета дека ќе добие доверба и од граѓаните, но и од бизнис-заедницата што може да биде добар ветер во грб пред евентуални предвремени избори. Токму во насока на критика на економските резултати на Владата и решенија кои ДПМНЕ ги нуди се постовите кои Мицкоски деновиве ги објавува на својот Фејсбук профил.
Ваквите средби, иако ретки, сепак, се случуваат, но најчесто пред промената на власта.
Зоран Заев во декември 2016 година, тогаш лидер на опозицијата, во Стопанската комора на Македонија ја презентираше економската програма на СДСМ.
-Денеска имавме навистина голема чест, дел од раководните структури на Стопанската комора на Македонија да овозможат време, во неработен ден, да им ја презентираме нашата економска програма, решенијата со коишто Македонија има намера да се посвети во функција на решавање на економските проблеми во ова наше општество.
Имавме што да кажеме, но имавме и што да научиме. Овде се деловни луѓе кои даваат плати, обезбедуваат даноци за државата, но и се двигатели на севкупниот развој во нашата економија…Периодот што доаѓа пред нас секако доколку ја добиеме честа и одговорноста да ја водиме државата претставува една можност идната Влада да користи сериозен капацитет којшто ќе биде од помош на севкупниот развој во Македонија, изјави Заев тогаш по средбата во Стопанската комора.
(И.Ш.)