Екипата на Викторија Плзен ја изненади како гостин ЦСКА Москва во натпревар од 5-тото коло на групната фаза на Лигата на шампионите.
Во натпревар од групата Г, Чесите направија пресврт во Москва и ја победија „армијата” со 2:1.
Никола Власиќ ги доведе Русите во водство уште во 10-тата минута од пенал. Словакот Прокхазка прво пропушти пенал на крајот од првото полувреме, но во 56-тата минута го изедначи резултатот. Лукас Хаида го постигна вториот гол за Викторија Плзен во 81-та минута за целосен пресврт и победа за гостите.
За Чесите ова беше прва победа во групата, а тие се израмнија по бодови со денешниот ривал. Двата тима имаат по четири бода, а Реал Мадрид и Рома официјално се пласираа во фазата на директните елиминации, бидејќи имаат по девет бода пред меѓусебниот дуел на „Олимпико”.
Холандскиот гигант Ајакс забележа победа со 2:0 на гостувањето кај АЕК во Атина во средба од групата Е.
Дуелот немаше големо нетпреварувачко значење, бидејќи тимот од Амстердам веќе обезбеди пласман во следната фаза од турнирот, а Грците и пред овој меч беа елиминирани. Сепак 90-те минути беа поважни за домаќините, кои имаа хипотетички шанса за третото место и пласман во Лига Европа.
Натпреварот на „Олимпискиот стадион” сепак можеше воопшто да не започне, бидејќи на првиот судиски сигнал му претходеа грди сцени кога фановите на АЕК фрлаа без никаков проблем димни бомби во секторот со навивачите на Ајакс, а еден грчки навивач се движеше по патеката непопречен од никого. Потоа до навивачите од Холандија експлодира Молотов коктел, што беше снимено од неколку аматерски камери. Сепак, беше одлучено натпреварот да се одигра.