Земјите членки на ЕУ не успеаја да постигнат едногласна одлука за воведување нови санкции кон Русија по кризата во Азовското Море.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, прашањето ќе биде повторно ставено на дневен ред на заседанието на Советот за надворешни работи и на Самитот на ЕУ од 10 до 14 декември.
– Сѐ ќе зависи од однесувањето на спротивставените страни, но ќе биде разгледано, изјави австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл.
Според извори во Советот, една од можностите е воведување на целни санкции, но земјите кои се традиционално за и оние кои се против ваков потег остануваат на своите позиции.
Се очекува земјите членки на ЕУ да повикаат на деескалација на тензиите, ослободување на бродовите и на украинските морнари и обезбедување слобода на движење во Азовското Море.
Портпаролката на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчиќ информира дека Украина дала гаранции оти воведувањето на воена состојба во делови од украинската територија за период од 30 дена „нема непотребно да ги ограничи граѓанските права”, додавајќи дека текстот ќе биде детално анализиран во Брисел.